Кипар побара воздушни средства од Израел и Европската унија за да помогнат во гаснењето на големите пожари што се вон контрола во областа Лимасол, поконкретно во селата Акрапас, Ептагониа и Оду, а веќе се евакуирани неколку села, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на Противпожарната служба на Кипар Андреас Кетис, преку Твитер, соопшти дека пожарите се блиску до населени места, нанесена е штета на куќи, а со оглед на тоа дека претставуваат опасност за домовите, веќе се евакуирани жителите на три села, но и дека пожарникарите кои не се на служба, повикани се на помош.

Министерот за надворешни работи на Кипар Никос Христодулидис, за кипарската новинска агенција КИПЕ, рече дека е побарано од ЕУ и Израел да испратат четири авиони кои ќе помогнат во гаснењето, а министерот за земјоделство на Костас Кадис објасни дека ситуацијата со пожарите е тешка и затоа е побарана помош и очекуваат набргу да пристигнат авионите.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, преку Твитер, соопшти дека за Кипар заминуваат два грчки канадери за да помогнат во гаснењето на пожарот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.