Потешко повредените деца од несреќата со српскиот автобус на автопатот Тракија остануваат на интензивна нега.

Ноќта ја поминаа релативно мирно, изјави директорот на „Пирогов“ д-р Валентин Димитров. Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Димитров, денеска треба да се извршат високоспецијализирани прегледи на едното дете од Србија заради прецизирање и поставување конечна дијагноза.

На другото дете му претстои голема операција, со цел да се стабилизираат скршениците на карлицата. Двете повредени деца од Србија се на Одделот „Детска реанимација“ во болницата во Софија. – Нема директна опасност по животот, но тие се во тешка ситуација, времето е прекратко за да имаме некоја поголема промена, рече Димитров.

Директорот на болницата „Пирогов“ вчера се сретна со роднините на повредените деца и со привремената управителка на амбасадата на Србија во Бугарија, Славица Паниќ, за да ги информира за преземеното лекување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.