За угостителските објекти, за супермаркетите, продавниците и слично што имаат капацитет да примат над 20 лица, без разлика дали се на отворено или затворено, но и за јавниот превоз, на Кипар, задолжителен е „Safe Pass”, односно потврда за вакцинација, негативен резултат од тест или прележан Ковид-19, согласно новите одлуки на кипарската Влада по влошената епидемиолошка слика во земјата. За помалите простори, како што се на пример минимаркети или фурни во кои согласно површината, капацитетот е на пример, 15 потрошувачи и пет вработени, тогаш не е потребен „Safe Pass”.

Исклучок, исто така се и плажите и парковите, но, задолжителен е за јавниот превоз (автобуси, такси возила и сл), како и за посета на јавните служби.

Меѓу новите мерки, кои во понеделник стапуваат во сила и ќе важат до 31 јули, се и затворање на организираните групни кампови, додека пак индивидуалните ќе продолжат со работа, како и работа на угостителските објекти, ноќните клубови, само за седнати гости, со забрана за танцување, а исклучок има за просторите што работат само за вакцинирани лица.

Претседателот на Кипар Никос Анастасијадис во обраќањето до граѓаните, соопштувајќи ја одлуката за нови мерки и говорејќи за епидемиолошката слика во земјата рече дека „критичноста на ситуацијата се докажува и со фактот дека во седмицата од 8-15 јули беа регистрирани 6.853 нови случаи”, а врз основа на податоците, девет од десет лица кои имаат сериозни симптоми и се хоспитализираат не се вакцинирани и мнозинството се под 40 години.

Паралелно истакна дека Владата, за да ги заштити граѓаните обезбеди повеќе од двојно повеќе вакцини од бројот на населението, но и дека одбрале да не ја следат праксата на други земји за задолжителна вакцинација и затоа воведуваат дополнителни мерки.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.