Пратеникот на Демократскиот фронт (ДФ) Страхиња Булајиќ поднесе оставка од функцијата потпретседател на Парламентот на Црна Гора, со што е деблокирана работата на Законодавниот дом и се создадени услови за избор на нова влада.

Од 1 март наваму Булајиќ одбиваше да закаже собраниски седници бидејќи, како што тврдеше, со креирањето малцинска влада во земјата е изневерена волјата на избирачите.

Претходно во февруари Алекса Бечиќ беше разрешен од функцијата претседател на црногорскиот Параламент.

По поднесувањето на оставката на Булајиќ, процедурата е седница на Парламентот да закаже вториот собраниски потпретседател, Ервин Ибрахимовиќ од Бошњачката партија.

Мандатарот за состав на новата влада на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, денеска треба да го извести Собранието дека формирал кабинет, како и дека е подготвен да ја претстави неговата програма и состав.

Потоа пратениците на партиите што ќе бидат дел од новата влада ќе побараат закажување седница на Парламентот на која би се избирала влада, со предлог тоа да биде во среда на 27 април. Абазовиќ се очекува уште денеска пред јавноста да ја претстави владината програма за работа.

Владата на премиерот Здравко Кривокапиќ ја загуби поддршката во парламентот на 4-ти февруари годинава.

Преговорите за формирање малцинска влада во Црна Гора се завршени, а според последните информации, покрај Граѓанското движење УРА и малцинските партии, во неа ќе партиципираат и просрпската Социјалистичка народна партија (СНП) и опозициската про-црногорска Социјалдемократска партија (СДП).

Демократската партија на социјалистите (ДПС) на претседателот Мило Ѓукановиќ најави поддршка на новата влада во Парламентот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.