Поранешниот словенечки премиер Антон Роп бара отштета од 127.000 евра во тужба против државата поради судска одлука од 2013 година, со која е осуден на казна од 10.000 евра за „откривање државна тајна”.

Според словенечките медиуми, Роп во сведочењето пред Окружниот суд во Љубљана рекол дека бил неправедно обвинет, а подоцна и незаконски осуден, додека пресудата на крајот била отфрлена од Врховниот суд и оти поради тој случај претрпел материјална и нематеријална штета, поради што бара соодветна отштета.

Случајот се појави во словенечката изборна кампања во 2004 година, кога Роп, кој тогаш беше премиер, го обвини лидерот на опозицијата, а подоцна и премиер Јанез Јанша дека со тогашниот хрватски премиер Иво Санадер „се договарал” за предизвикување на „инцидентот во Пиранскиот Залив”, со цел партијата на Јанша да профитира политички и да добие повеќе гласови на парламентарните избори одржани истата есен.

Роп тогаш јавно тврдеше дека словенечката разузнавачка служба ги снимила телефонските разговори на Јанша и Санадер и дека за тоа има докази, кои тој не успеа да ги докаже, додека во приватна тужба која ја поднесе Јанша против него поради клевета се согласил на судска спогодба чии детали не беа објавени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.