Албанскиот претседател Илир Мета, кој е и врховен командант на вооружените сили, попладнево одржа итна седница на Советот за национална безбедност, на која станало збор за последните случувања на границата меѓу Украина и Русија.

Во тој контекст и за последиците од натамошната ескалација на можна агресија врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Посебен акцент исто така е ставен на евакуацијата на албанските државјани кои се во Украина, во случај на потреба, како и гаранција за државните резерви.

Претседателот Мета посебно ја нагласи неопходноста од идентификување и одржување контакти со албанските државјани кои привремено престојуваат во Украина и овозможување нивна евакуација во случај на потреба, продолжување на безбедносните и одбранбените реформи, зајакнување на капацитетите против кибер напади, преземање мерки за зголемување на безбедноста на стратешката инфраструктура и гарантирање на државните резерви во секој случај, како и следење, со максимално внимание, на случувањата во нашиот регион, стои во соопштението од претседателскиот кабинет.

Се додава дека Мета и членовите на Советот за национална безбедност потврдиле дека Албанија и како членка на НАТО и непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, е на страната на Украина, во одбрана на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет.

Албанија, нагласено е на средбата, го промовира дијалогот и решавање на актуелната криза по мирен пат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.