Над половина од грчките граѓани (53 отсто) сметаат дека земјата оди во погрешна насока, а речиси четворица од десет, односно 39 проценти велат дека се движи во правилна насока. Пандемијата и понатаму е главниот проблем за Грците, а веднаш потоа следи економијата и поскапувањето, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Metron Analysis“ за телевизијата „Мега“.

Во однос на пандемијата шест од десет анкетирани рекле дека најлошото поминало, а 30 отсто сметаат дека најлошото допрва следува.

Од анкетираните, 82 проценти се вакцинирани, 21 отсто прележале Ковид-19, од кои 19 проценти веќе се вакцинирани.

Дека вакцините се безбедни сметаат 65 проценти од испитаниците, наспроти 20 отсто кои сметаат дека се небезбедни.

На политичката сцена, Нова демократија и понатаму е прва политичка сила во земјата, следува СИРИЗА, а на третото место е Движење на промена, која има зголемен рејтинг по изборот на новиот лидер.

Истражувањето на јавното мислење од агенцијата „Metron Analysis“ за телевизијата „Мега“ било спроведено од 12. до 18 јануари 2022 година со анкетирани 1.306 граѓани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.