Полковник Невена Митева се очекува да биде кандидат за потпретседател на проф. Анастас Герџиков на претседателските избори во Бугарија, закажани за 14 ноември. Претседателскиот кандидат поддржан од ГЕРБ ќе се соочи со актуелниот бугарски претседател, Румен Радев, најверојатно во друштво на жена од вооружените сили, објавија локалните медиуми.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, таа беше Пи-Ар на бугарските воздухопловни сили, чиј командант пред пет години беше Румен Радев, пред да биде избран за претседател на Бугарија.

Герџиков, кој е ректор на софискиот универзитет, потврди дека се кандидира за претседател. Се очекува нејзиното име да биде официјално објавено во недела, кога ќе се состане Иницијативниот комитет, кој ќе ја предложи оваа двојка.

Поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, веќе потврди дека неговата партија ќе го поддржи Герџиков на претседателските избори. Според Борисов, потпретседателот нема да биде од ГЕРБ, туку ќе биде избран „лично од Герџиков“.

Митева е претседателка на Здружението на жени војници. Во 1988 година, таа беше шампион во пливање на Олимпијадата во Сеул.

Според бугарскиот Закон за одбрана, војник може да се кандидира за претседател, потпретседател на републиката или за друга избрана позиција. Доколку е предложен од партија или коалиција – тој се разрешува без претходна најава, и тоа од денот на регистрацијата за учество во гласањето. Меѓутоа, доколку војникот биде назначен од иницијативен комитет, како што веројатно ќе се случи со Митева, тој нема да биде разрешен од војската, туку ќе оди на неплатено отсуство, се додека биде избран на функцијата или се врати во вооружените сили по крајот од неговиот мандат. нк/сд/

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.