За време на синоќешниот протест во Белград повредени се 43 полицајци, а еден од нив има фрактура на черепот и потрес на мозокот, изјави денеска директорот на полицијата Владимир Ребиќ.

Во надлежна здравствена установа пријавени се 43 полоциски службеници, еден од колегите има фрактура на черепот и потрес на мозокот, се надевам дека набрзо ќе му биде добро. Загрижени сме за неговото и здравјето на сите полициски службеници, изјави Ребиќ на пресконференција.

Тој додаде дека одреден број полицајци со полесни повреди не сакале да се пријават кај лекарите.

Заради насилството пред Собранието и во околните улици полицијата привела 24 лица, од кои 23 поради прекршоци, а едно лице заради кривично дело.

Директорот на полицијата додаде дека е предизвикана и материјална штета над МВР и дека хулиганите запалиле пет службени возила, како и дека е оштетена опрема на полицијата: 71 штит, 65 визири, 19 палки, шест рачни радио станици и 18 шлемови.

Ребиќ додаде и дека се оштетени и двете врати на влезот во собранието.

Тоа е огромна штета која ќе мора да ја надокнадиме, изјави Ребиќ.

Истакна дека полицијата исклучително настапила професионално и успеала многу брзо под контрола да го стави јавниот ред и мир, како и да ги заштити граѓаните од обидот за хулиганство на улиците.

Тој најави дека многу брзо, веќе во текот на денот, сите приведени ќе бидат процесуирани од страна на надлежните обвинителства и судови. Додаде дека и по извршената анализа на видео надзорот ќе бидат идентификувани и други хулигани кои направиле недела и дека сите ќе бидат набрзо санкционирани.

Во продолжение погледнете како се одвиваше синоќешниот протест.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.