Во организирана акција на грчката полиција во саботата во близина на Лерин биле уапсени две лица за внесување и продажба на дрога на грчка територија од Македонија, откако во Грција влегле нелегално и на полицаец кој се претставил дека е купувач се обиделе да му продадат нешто помалку од три килограми канабис, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчката полиција соопштуваат дека се уапсени двајца странски државјани на возраст од 38 и 40 години, кои во рурален дел на Лерин во близина на границата со Македонија се обиделе да продадат два килограми и 885 грама суров канабис.

Во рамките на активностите на полицијата за спречување на шверц на дрога на грчка територија и добиените информации за мрежа која пренесувала и ширела дрога од Македонија во Грција, била организирана полициската акција.

Беше закажана средба за купопродажба на дрога, каде што се појавија горенаведените странски државјани, кои претходно нелегално влегоа во нашата земја, 38-годишниот со мотор, а 40-годишниот со автомобил и на полицаецот кој се претстави дека е купувач му продадоа два килограми и 885 грама суроц канабис, за 5.800 евра, соопштуваат од грчката полиција.

Биле конфискувани моторот, автомобилот, дрогата и три мобилни телефони, а двајцата уапсени се товарат за внесување и продажба на дрога во Грција, како и за прекршување на законот за странски државјани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.