Полицијата на Меѓународната мисија на Косово, ЕУЛЕКС, попладнево го упаси и потпретседателот на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната восјка на Косово (ОВВ-ОВК), Насим Харадинај, откако претходно беше приведен и претседателот на оваа организација Хисни Гуцати.

Според косовските медиуми, двајцата челници на ОВК, се уапсени по налог на Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово, познат во јавноста како „суд за ОВК“.

Според информации од неговото семејство, Гуцати, кој беше уапсен околу 13.30 часот при акција на полицијата на ЕУЛЕКС во канцелариите на ОВВ-ОВК, веќе се наоѓа во притворното одделени на Специјалниот суд во Хаг. Харадинај, пак, е приведен нешто по 17 часот, пред да влезе на интервју во телевизијата „Т7“ и, според неофицијални информации, и тој веќе е на пат за Холандија.

Приштинската телевизија објави дека потпретседателот на ОВВ-ОВК одбил да замине со полициско возило на ЕУЛЕКС, по што го напуштил местото каде што беше приведен во придружба и со возило на косовската полиција.

Не одам со нив, само со Полицијата на Косово – изјавил Харадинај.

Во минатите десетина дена во три наврати во ветеранската организација на ОВК маскирани лица доставија бројни досиеја на Специјалниот суд, со класификувани податоци од истрагата против осомничени за воени злосторства и со имињата и сведоштвата на лица испитувани од Специјалното обвинителство. Досиејата им беа врачени на истражителите на Судот чие седиште е во Хаг.

Денешниот упад на ЕУЛЕКС во просториите на ОВВ-ОВК и апсењето на Гуцати, а подоцна и на Харадинај, уследи по вчерашното апсење на поранешниот шеф на разузнавањето на Безбедносните сили на Косово и офицер на ОВК, Салих Мурати, кој е првиот официјално обвинет од трибуналот во Хаг.

Мурати, Гуцати и Харадинај се првите од над 300 осомничени за воени злосторства за време и непосредно по војната во Косово од 1998-99, кои се уапсени по налог на Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.