При посетата на Белград на почетокот од неделава, специјалниот пратеник на претседателот на САД, Доналд Трамп, Ричард Гренел, најави дека првиот човек на САД размислува да дојде во Србија.

Бев тука кога Вучиќ не повика на посета. Крајно време е американскиот претседател да дојде во Србија. Изрази желба да дојде и едвај чекам да го видам во Белград. Немам датум, на тоа мора да се работи, но претседателот Трамп сериозно го зема во предвид доаѓањето – изјави Гренел во таа пригода.

Сепак, таквата посета на американскиот претседател на Србија, колку и да претставува чест за домаќините, уште повеќ ќе им создаде проблеми за да посетата да се организира без проблеми. Американците имаа екстремно строги протоколи за секое гостување на претседаелот и бараат посебни мерки на безбедност кога станува збор за посетата на првиот човек на САД во некоја странска земја.

За се одлучува тајната служба

Патувањето на претседателот на САД и првата дама претставува сериозен и комплициран процес исполнет со процедури, а за сè се прашуваат припадниците на Тајната служба кои го обезбедуваат првиот човек на земјата.

Агентите на службата се занимаваат и со проучување на логистика, во некои случаи доаѓаат и неколку месеци однапред на местото кое претседателот на САД треба да го посети и ја мапираат рутата по која ќе се движи колоната на автомобили. Исто така, ги проверуваат болниците и другите безбедни локации во случај на напад.

Онлајн магазинот „Mental Floss“ пишува дека агентите се подготвени за итни ситуации кога американскиот претседател патува. Одделот за заштита на претседателот, кој претставува дел од Тајната служба одговорна за безбедност на шефот на државата и неговата фамилија, ги обучува агентите на „10-минутна медицина“. На тој начин, тие имаат знаење за да направат сѐ за претседателот да остане жив во случај на напад или некоја здравствена ситуација додека не му се укаже помош во некоја од институциите.

Каде и да оди, претседателот во секој момент мора да биде на 10 минути од болница опремена да прими итни случаи. Тајната служба ангажира агент во секоја болница за да бидат подготвени да го координираат персоналот во случај на узбуна.

Исто така, возилата во колоната на автомобили носат крв која одговара на крвната група на претседателот во случај да му е потребна трансфузија.

Откривање можни закани

Магазинот „The Oregonian“ наведува дека кога Тајната служба се подготвува за патување на претседателот, соработува со локалната полиција за да се откријат лица кои би можеле да претставуваат можна закана за првиот човек на САД. Како што се наведува, тоа во главно се луѓе кои во минатото му се заканувале на американскиот претседател и имаат „вистинска можност да ги остварат своите закани.

Во магазинот исто така се наведува дека припадниците на службата ги контактираат тие луѓе, а агентите во некои случаи дури и ги предупредуваат тие индивидуалци дека ќе се обрати посебно внимание на нив кога претседателот ќе дојде во градот во кој живеат.

Кога претседателот ќе тргне на пат, Тајната служба во секој момент е со него. Треба да се напомене дека во поголемиот број на случаи, со првиот човек на САД патуваат и избран број на новинари и фоторепортери кои се наречени „заштитена новинарска група“. Тие патуваат блиску до претседателот, но одвоено од функционерите.

За да осигура безбеден лет националната агенција извршува привремени рестрикции на летање неколку дена пред планираниот пат на претседателот во некоја земја.

При посета на првиот човек на САД, тајната служба формира таканаречен „внатрешен круг од 16 километри каде ниту едно летало не смее да лета под 5.500 метри висина или да слета на некој аеродром. Леталата можат да пројдат низ кругот, но не смеат да се „задржуваат“ во „надворешните кругови“ кои покриваат околу 48 километри.

Претседателот главно лета со авионот „Air Force One“ кој слетува пред публика или пред функционери на земјата домаќин. Треба да се напомене дека претседателот доаѓа и со резервен авион, кој е идентичен на „Air Force One“, за претседателот и првата дама да имаат безбедна „стратегија на излез“.

Колона од 20 возила и „лимузината-тенк“ на Трамп

Кога претседателот ќе слета го чека обезбедување кое обично брои околу 20 возила кои можат слободно да одат по затворени автопати за да стигнат побрзо до локацијата, но и да се минимизира грижата за безбедност на првиот човек на САД. Со други зборови, кога Трамп ќе стигне во Белград, сообраќајот во српскиот главен град најверојатно ќе биде блокиран.

Тајната служба наводно направила интересни модификации на лимузината која го пренесува Трамп. Тој автомобил оди секаде со него, дури и кога лета со авион.

Според пишувањата на порталот „Mental Floss“, оваа лимузина има многу силен оклоп, а возилото има гуми и стакла кои се отпорни на куршуми. Исто така, агентите кои ја возат лимузината се одлични возачи и се тренирани да прават вртења од 180 степени во случај да мораат да избегнат препреки на патот или експлозии.

Возилото се одржува во посебна гаража на Тајната служба.

Покрај луѓето кои се дел од обезбедувањето на претседателот, во заштита на претседателот на САД би биле вклучени и српски полицајци, кои би претставувале уште еден круг на одбрана на колоната на возила кон дестинациите кои би ги посетиле.

Исто така, српската полиција би била додатно обезбедување во случај на обиколка на некои места во Белград, додека припадниците на Тајната служба и Одделот за заштита на претседателот одржуваат круг околу претседателот во секој момент.

Тие се подготвени веднаш да реагираат, дури и во случај „некое животно премногу да се приближи до претседателот на САД“.

Сериозно вооружување

Тимот на Тајната служба задолжен за контранапад е најопремениот дел од колоната на возила.

Поранешен агент во разговор за „Вашингтон пост“ откри дека тимот за контранапад нема функција само да ја набљудува околината за да откријат потенцијална закана, туку тие веќе се опремени со панцири и пушки и можат „силно да одговорат“ во случај на напад на колоната.

Кучиња кои откриваат експлозив

Како што се ближи посетата на претседателот, Тајната служба носи кучиња на местата кои тој ќе ги посети за да проверат дали таму има експлозив.

Исто така, тимот кој го штити претседателот ги отстранува паркираните возила од местата каде тој проаѓа „за да бидат сигурни дека нема автомобили бомби“.

Доколку Трамп престојува во некој хотел, тој угостителски објект би добил известување неколку недели, па дури и неколку месеци однапред во врска со ВИП посетата, за да можат навремено да ги испочитуваат спецификациите на тимот кој го штити претседателот на САД. Катот на кој би се наоѓал првиот човек на САД треба да е празен и под контрола на Тајната служба, како и катовите што се наоѓаат над и под тој кат.

Обезбедувањето, исто така, би било задолжено за контрола на лифтовите кои би биле користени во приватна корист, што во голема мерка би влијаело на функционирањето на хотелот. Тајната служба, исто така, бара мајсторот за лифтови да биде подготвен во случај претседателот да се заглави.

Со Трамп секогаш патуваат готвачи, кои купуваат намирници и готват за претседателот.

Снајперисти и заварување шахти

Каква беше состојбата во Белград при посета на виши американски функционери, покажува сценариото при посетата на тогашниот потпретседател на САД, Џо Бајден, кој во 2009 и 2016 година беше во посета на главниот град на Србија.

Паркираните автомобили, контејнерите за ѓубре и сите други предмети беа отстранети од зоните каде проаѓаше Бајден. На одредено време беа блокирани улиците и мобилните телефони, се спуштаа ролетните, шахтите беа заварени, а беа проверувани дури и подземните цевки и водоводи.

Исто така, на зградите беа поставени скриени снајперисти, па се претпоставува дека слично „сценарио“ би имало и при евентуална посета на Трамп.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.