Вишиот суд во Белград го отфрли во вторникот вечерта предлогот на обвинителството да одреди притвор за тројцата осомничени за насилничко однесување со употреба на електрична пила при упадот на демонстрантите во зградата на Радио-телевизија Србија (РТС), и тие во натамошната кривична постапка ќе се бранат од слобода.

По сослушувањето на осомничените, судот донесе решение со кое двајцата рапери Миња Пернат и Миљан Чичиќ, познати по улични перформанси и сатирични песни против власта, се пуштени да се бранат од слобода, а обинителството на ова решение може да се жали во рок од три дена.

Прекршочниот суд во брза постапка веќе процесуираше седум лица, шест се осудени на 30 дена затвор, едно лице на парична глоба, а против две ќе се води прекршочна постапка во редовна процедура.

Водачите на опозицискиот Сојуз за Србија ултимативно бараа ослободување на сите приведени и најавија организирање мирни протести и дежурства пред кабинетот на претседателот Алескандар Вучиќ, истакнувајќи дека тое е место од кое „согласно Уставот и законот“ тие може да бидат пуштени на слобода, алудирајќи на овластувањата на претседателот на Србија за помилување.

Вучиќ претходно во вторникот порача дека има право на помилување во текот на казнената постапа, но не и во случај на прекшочна. Појасни дека на апелацискиот прекршочен суд не може да влијае како претседател на државата, но оти може „како човек“.

Исто така, Вучиќ рече дека утре ќе ги погледа споменатите кривични предмети, но дека ништо не може да прејудицира додека не биде запознаен со деталите од случаите. Тој може да ги аболира осомничените за кривчни дела од натамошно кривично гонење, а постапката за аболиција која во Србија е регулирана со Законот за помилување, се покренува по службена должност, односно може да ја покрене само министерот за правда.

Еден од приведените и прекршочно казнет на 30 дена затвор е матурант, а неговото ослободување, со поддршка на професорите, во понеделникот го побараа соучениците од белградската Филолошка гимназија, заканувајќи се дека ако не биде ослободен во рок од 48 часа, ќе ги повикаат учениците на сите средни училишта на улица и протести.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.