Голем пожар се шири кон турска термоцентрала (ТЕЦ), а земјоделци во паника го тераат добитокот во близина на морето, откако шумските пожари, во кои загинаа осум лица, беснеат седми ден по ред.

Градоначалникот на егејскиот крајбрежен град Милас, Мухамет Токат изрази загриженост поради евентуалната катастрофа доколку неконтролираниот пожар, од кој се издигнуваат огромни облаци чад над регионот, ја зафати локалната термоцентрала.

Тој објави повеќе итни пораки на Твитер, а на видео снимките се гледа како пламенот се шири кон ридот до наводната локација на термоцентралата.

Ова е критично место. Пожарот стигна до станбени комплекси. Доколку премине преку ридот, тоа значи дека огнот ќе достигне сосема нова димензија – објави Токат на Твитер.

Турција е зафатена од најкатастрофални шумски пожари досега, а во стихијата се уништени шуми и богати земјоделски површини долж делови од турскиот медитерански и егејски брег.

Исплашени туристи биле принудени да се качат на безбедносни чамци, а десетици села се евакуирани откако силните ветрови и високите температури го проширија пламенот.

Во градот Мармарис се забележани земјоделци како ги извлекуваат животните од запалените плевни и ги повлекуваат на безбедни места кон плажите.

Температурите од над 40 степени Целзиусови во јужниот дел на Турција, предизвикаа и рекорден скок во потрошувачката на електрична енергија, поради што вчера беше прекинато снабдувањето со струја во Анкара и Истанбул.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.