Македонија мора да ги почне преговорите со Европската Унија, а францускиот претседател Емануел Макрон не треба да го блокира тоа – смета поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев.

Во изјава за БГНЕС, Плевнелиев вели дека ЕУ треба да донесе одлука за старт на пристапните преговори и со Македонија и со Албанија со што ќе го покаже својот кредибилитет и стабилизирачка улога на Балканот.

Отсекогаш сум бил против кога некоја од земјите членки на ЕУ, како што е сега случајот со Франција поради внатрешно-политички причини ги блокира проширувањето на Унијата и заедничките проекти кои се од општ интерес. Сите знаеме колку е важно Македонија и Албанија сега да добијат покана за почеток на преговори. Во момент кога има многу силен геополитички судир на Балканот, ЕУ мора да ја покаже својата сила и моќ – вели Плевнелиев.

Потсетува дека своевремено и Бугарија била жртва на таквата политика, од страна на Холандија.

Плевнелиев ја повика Франција да не подлегнува на внатрешно – политичките битки и да мисли на заедничкиот, а не само на сопствениот интерес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.