Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска учествуваше на виртуелниот самит на Берлинскиот процес, на кој лидерите на земјите-членки разговараа за напредокот и актуелните предизвици на регионалната соработка во Југоисточна Европа.

На состанокот, кој се одржа под претседателство на Германија, претседателите и владите на Берлинскиот процес разговараа за сè што е постигнато во седумгодишното постоење на оваа дипломатска иницијатива, чија цел е да го доближи Западен Балкан кон евроинтеграциите.

Пленковиќ истакна дека Хрватска го поддржува продолжувањето на политиката на проширување, заснована врз индивидуалните заслуги на секоја земја, што беше утврдено и на самитот во Загреб за време на хрватското претседателство со Советот на ЕУ во мај 2020 година.

Тој ја истакна потребата за брзо постигнување консензус за преговарачките рамки за Албанија и Република  Македонија, за да можат веднаш да се отворат пристапните преговори, се вели во владиното соопштение што го објави Хина.

Хрватскиот премиерот особено ја истакнал потребата од продолжување на европскиот пат на Босна и Херцеговина и спроведувањето на клучните реформи, особено постигнување договор за измени во Изборниот закон, со целосно почитување на принципот на легитимна застапеност на сите три конститутивни народи.

Хрватска го поздравува влегувањето во сила на Договорот за укинување на роамингот на Западен Балкан од 1 јули 2021 година како важно достигнување што ќе ја подобри дигиталната поврзаност на регионот. Важно е да се обезбеди проток на стоки, луѓе, капитал и услуги меѓу земјите од Западен Балкан, а Хрватска ги поздравува конкретните иницијативи во таа насока, се вели во соопштението.

Пленковиќ истакна дека Хрватска, како израз на солидарност, донираше 360.000 дози вакцини на земјите од Југоисточна Европа.

Состанокот, како што се наведува, ја потврди важната улога на Берлинскиот процес како двигател на регионалната соработка на Западен Балкан, што е дополнително важно во контекст на надминување на социо-економските последици од пандемијата Ковид-19.

Кога станува збор за иднината на Берлинскиот процес, Хрватска ќе остане сигурен партнер во идните концепти на соработка, имајќи предвид дека европскиот пат е единствениот што гарантира долгорочна стабилност во Југоисточна Европа, соопшти Владата во Загреб.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.