Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ порача дека негирањето на хрватскиот јазик во учебник на Република Србија е срамно и недозволиво.

Пленковиќ истакна дека истата порака ќе му ја пренесе и на српскиот претседател, Александар Вучиќ.

Амбасадата, Министерството за надворешни работи и сите релевантни служби имаат јасна задача да протестираат против српските институции. Сметаме дека тоа е срамна политика – истакна Пленковиќ пред новинарите по состанокот на партиите од парламентарното мнозинство во Бански двори.

Пленковиќ додаде дека Хрватска очекува Србија да ги „отстрани таквите аномалии во учебниците“, кои исто така покажуваат „недостаток на почит“ кон соседната земја.

Не гледам која е намерата и со каква мудрост и интелигенција тоа се случило. Тоа лично ќе му го кажам и на претседателот Вучиќ, кој денеска и утре ќе биде во Словенија на самитот ЕУ-Западен Балкан – додаде Пленковиќ.

Во учебникот по граматика од група автори „Од зборови на дела“ за учениците од осмо одделение е наведено дека српскиот, словенечкиот, македонскиот и бугарскиот јазик припаѓаат на групата јужнословенски јазици, а „Хрватите, Бошњаците и некои Црногорци, српскиот јазик го нарекуваат хрватски, босански, бошњачки и црногорски“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.