Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ оцени дека дипломатијата околу вакцините против Ковид-19 се претвора во нивно киднапирање.

Реков дека „Вакцина дипломатијата“ ќе биде главна синтагма и главна задача на почетокот на годинава. Сега тоа во еден дел се претвора во „Вакцина киднапирање“, односно оние кои се подготвени во околностите да не се поврзани вака со широки договори, каков што ние имаме како членка на ЕУ, да плаќаат повеќе за доза, отколку што платила Унијата – предупреди Пленковиќ на прес-конференција.

Тој истакна дека „се случуваат одредени активности кои се надвор од договореното“ и посочи дека ќе инсистира на почитување на постоечките договори.

Во врска со проблемите околу испорака на вакцините против корона вирус, Пленковиќ потсети дека сите лидери на ЕУ изразиле многу силен став дека треба да се почитува планираната динамика на испорака на вакцини и потсети дека ЕУ вложила огромни средства во фармацевтските компании во процесот на истражување на вакцините.

На прашањето за евентуални тужби против производителите на вакцини, доколку тие не ги исполнат своите обврски, Пленковиќ одговори дека тоа ќе биде заедничка активност на ниво на ЕУ, бидејќи ЕК е страна во договорот, додавајќи дека „е опција да се искористат сите средства за исполнување на договорните обврски“.

Хрватскиот премиер посочи и дека вторите дози од вакцината ќе бидат обезбедени на време за оние кои ја примиле првата.

Хрватска порача речиси шест милиони дози вакцини од различни производители преку ЕУ.

Така, еден милион дози се порачани од „Фајзер/БиоНТек“ и „Модерна“, 2,7 милиони од „АстраЗенека“, 900.000 дози од „Џонсон и Џонсон“ и 300.000 од „КјурВак“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.