Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ го обвини претседателот Зоран Милановиќ дека го уништува угледот и кредибилитетот на Хрватска.

Пленковиќ додаде дека Владата се оградува од искажаните ставови на Милановиќ за ситуацијата во Украина.

Изјавите на Милановиќ се срамни и штетни за угледот на Хрватска. Тие водат до големо разочарување, би рекол срам на нашите партнери, од САД до членките на НАТО, членките на Европската Унија, нашите соседни земји – истакна Пленковиќ на владината седница.

Тој додаде дека веројатно секој посериозен амбасадор ќе биде повикан на разговор поради изјавите на Милановиќ.

Тоа е лошо, тоа е скандалозно, го уништува угледот и кредибилитетот на Хрватска. Тоа е целосно спротивно на надворешната политика и принципиелните позиции на хрватската влада – изјави Пленковиќ.

Украинското министерство за надворешни работи вчера ја повика хрватската амбасадорка во Киев, Аница Џамиќ, за да изрази протест поради изјавите на шефот на државата, додека, пак, неговите зборови позитивно одекнаа во Русија.

Милановиќ изјави дека Хрватска на никаков начин нема да се вклучи во кризата во Украина доколку таа ескалира, а исто така нема да има ниту свои војници. Тој посочи дека за Украина нема место во НАТО и дека ЕУ поттикнала „државен удар“ во Украина, кога во 2014 година беше соборен прорускиот претседател Виктор Јанукович.

Пленковиќ повтори дека ставот на хрватската Влада е „почитување на територијалниот интегритет на Украина, почитување на принципите на меѓународното право, застапување за мир, за деескалација на конфликти, намалување на тензиите и придонес во напорите на меѓународната заедница, било да е тоа преку различни формати кои постојат, преку нашите активности во НАТО, во Европската Унија или во други организации“.

Тој демантираше дека се размислува за испраќање војници во Украина, велејќи дека тоа не е на агендата на ниту една меѓународна организација, тврдејќи дека тоа е „непостоечка тема“ и се огради од изјавите на претседателот.

Иако распореди свои воени сили во близина на украинската граница, Русија во неколку наврати повторува дека не планира напад врз Украина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.