Пратеникот Пламен Николов е кандидат за премиер на „Има таков народ“. Тој доби мандат за формирање влада од бугарскиот претседател Румен Радев.

Номинацијата се чуваше во тајност до крајот.

Претседателот на пратеничката група на Има таков народ Тошко Јорданов и пратениците Филип Станев, Ивајло Валчев, Станислав Балабанов и Пламен Николов влегоа во претседателството на Бугарија за партијата Има таков народ да добие мандат да ја формира нова влада на земјата.

– Како резултат на изборите на 11 јули оваа година, имате одговорност да го добиете првиот мандат. Луѓето гласаа за вас со очекување да го консолидирате фронтот на промени против неуспешниот корупциски модел на власт. Време е да сфатите како и со кого. Бугарите ги очекуваат вашите предлози за кабинет во рокот утврден со Уставот, рече претседателот на Бугарија Румен Радев при предавањето на мандатот.

Претставниците на Има таков народ ги пречека протест на Народното движење за смена на системот.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, освен што е член на 46. Народно собрание, Пламен Николов има докторат по филозофија на право, политика и економија. Дипломирал на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“.

Тој има над 15 години искуство во развој на деловна активност и управување со проекти. Работел со големи клиенти како Амазон, Вигл, Интерспорт, Спортона и пливачки федерации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.