Бугарскиот премиер Кирил Петков днеска ќе реферира пред пратениците во Народното собрание на Бугарија за резултатите од неговата посета на Скопје минатата недела, како и од средба на владите на двете земји што се одржа во Софија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, реферирањето на Петков е на барање на најголемата опозициска партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов и ќе биде прва точка на денешното собраниското пленарно заседание.

Петков и премиерот Димитар Ковачевски по заедничката седница на двете влади во Софија оценија дека атмосферата на изразена политичка волја и духот на искреност и отвореност што преовладува на досегашните средби, водат кон заеднички прифатливи решенија за прашањата од интерес на Македонија и Бугарија.

Двајцата премиери на заедничката прес-конференцијата по седницата порачаа дека добрососедството ќе биде на пиедестал и ќе се посветат на работи што беа заборавени последните години, потенцирајќи договорите што беа потпишани вчера имаат „еден краен резултат – економски развој на целиот регион“.

Тие оценија дека со заедничката седница на двете влади се поставени основите за идниот брз напредок на меѓусебните односи и се прави обид преку конкретни договори да се зајакне соработката меѓу Скопје и Софија и тоа да придонесе и за пронаоѓање компромис за спорните прашања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.