Поранешниот технички премиер на Бугарија и разрешен министер за одбрана од владата на Кирил Петков, Стефан Јанев, формира нова партија на бугарската политичка сцена.

Новата партија ќе го носи името Бугарски подем, а Јанев денеска свика и седница на Иницијативниот комитет на партијата.

Според неговата изјава, новиот политички субјект го формира со оглед дека постои јаз помеѓу партии и општеството, а на денешната седница на Иницијативниот комитет тој побара предвремени парламентарни избори во Бугарија и изрази уверување дека партијата ќе влезе во идниот состав на бугарскиот парламент.

„Денеска означуваме нов почеток, кој се надевам дека ќе биде нов почеток и за бугарската политика. Демонстрација како треба да работи секоја политичка партија. Оваа партија ќе биде блиска до народот, ќе работи за народот и ќе има близок контакт со граѓанското општество“,

рече Јанев.

На брифинг со новинарите тој категорично отфрлил каква било поврзаност на неговата партија со претседателот на Бугарија, Румен Радев, и порачал дека Бугарски подем е апсолутно независен партиски идентитет што ќе се бори за довербата на граѓаните.

„Ако го поврзувате претседателот со создавањето на партијата, тоа значи дека асоцирате на некакви сценарија во кои претседателот сака да влијае на политичкиот процес без да сноси одговорност. Мислам дека тој тоа не го сака и нема да го направи“,

рече Јанев.

Јанев лани во беше на чело на двете технички влади во Бугарија што се формираа откако по два изборни циклуси во 2021 година ниту една партија не успеа да формира влада. Тој беше назначен за технички премиер токму од претседателот Радев.

Откако по третите парламентарни избори во ноември лани Бугарија конечно формира политичка влада од четири коалициски партнери на чело со премиерот Кирил Петков, Јанев беше назначен за министер за одбрана.

Меѓутоа на оваа функција се задржа само неколку месеци бидејќи си ја разниша позицијата со тоа што одби да ја нарече „војна“ руската инвазија врз Украина. Објаснувајќи го одбивањето да го употреби зборот „војна“, тој уште повеќе се заплетка велејќи дека го кажува истото што и рускиот претседател Владимир Путин.

„Не го употребив зборот војна туку се повикав на она што го кажа Путин и се осврнав на фактот дека употребата на зборот војна мора да биде многу специфична и одговорна“,

рече Јанев во емисијата „Панорама“ на БНТ.

Поради ова, премиерот Петков веднаш го повика да си даде оставка од функцијата министер за одбрана, а потоа побара и разрешување.

Јанев беше сменет, а на неговото разрешување се спротивстави претседателот Радев, кој рече дека не е во ред да се менува министер за одбрана во ек на воена криза во близина и дека при избор на министер мнозинството треба да се води компетентноста и способноста на личноста да го брани бугарскиот интерес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.