Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средби со комесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји и со специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, со што ја започна неговата работна посета на Брисел.

Како што информираат од кабинетот на претседателот, на средбата со Комесарот за соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, претседателот Пендаровски изразил благодарност за неговиот ангажман и поддршка за реализација на договорот за распределба на 651.000 дози од вакцината „Фајзер“ за земјите од Западен Балкан, од кои нашата држава ќе добие 119.000 вакцини.

Претседателот порачал дека е клучно да се забрза процесот на вакцинација во претстојниот период и да се овозможи животот да се врати во нормала што побрзо, заблагодарувајќи се на ЕУ за целокупната поддршка и помош во справувањето со пандемијата, како и за демонстрираната солидарност.

Тој, исто така, ја поздравил улогата на комесарот Вархеји во подготовката на економско-инвестицискиот план за Западен Балкан од страна на Европската Унија и ги нагласил очекувањата дека неговата имплементација ќе има многу важно позитивно влијание врз социо-економскиот развој на земјите и ќе ја зајакне регионалната соработка.

Двајцата соговорници разговарале за можностите за исчекор на Македонија во евроинтеграциите, во контекст на претстојните состаноци во рамките на Европската Унија што треба да се одржат во мај и јуни годинава, како и билатералните прашања врзани со добрососедските односи. На средбата биле разменети и мислења и информации за надминување на проблемите со Бугарија.

Претседателот Пендаровски и комесарот Вархеји ја посочиле и важноста за скорешно одржување на меѓувладината конференција и формалниот почеток на пристапните преговори за членство на Македонија во Европската Унија.

На средбата со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, пак, се разговарало за најновиот развој на настаните во регионот, како и за предизвиците со кои се соочува во поглед на регионалната стабилност.

 

Соговорниците ја истакнале важноста на регионалната соработка и процесот на проширување на Европската Унија. Во тој контекст, претседателот Пендаровски порачал дека Македонија е подготвена да ги почне пристапните преговори со ЕУ.

Во рамки на посетата на Брисел, претседателот Пендаровски денеска ќе има средби и со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, со претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, со потпретседателот на Европската Комисија и Висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, како и со европратеникот и известител за Република Македонија, Илхан Кјучук.

Претседателот Пендаровски утре ќе оствари средба и со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.