Претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, попладнево, на средба со грчкиот премиер, Алексис Ципрас во претседателска палата го прифати предлогот на Владата за распуштање на Парламентот и распишување предвремени парламентарни избори, јави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас му рече на Павлопулос дека веќе е позната неговата намера за предвремени парламентарни избори, „за да не се наруши циклусот на грчката економија“, објаснувајќи дека „од денот на европските избори се создадоа нови околности“, со оглед на тоа дека националните избори, а до регуларното завршување на мандатот на владата кон крајот на септември земјата би била во услови на „продолжен предизборен период од околу четири месеци”.

По средбата и прифатениот предлог од Павлопулос, на влезната врата од грчкиот Парламент, веројатно утре наутро ќе се закачи Претседателскиот декрет за распуштање на Парламентот. Предвремените парламентарни избори во Грција, како што е веќе познато, ќе се одржат на 7 јули. Час и половина по средбата со Павлопулос, односно во 20 часот по локално време, Ципрас ќе ја претстави програмата на СИРИЗА за следните четири години. Грчкиот премиер ја донесе одлуката за предвремени парламентарни избори откако СИРИЗА загуби со голема разлика од Нова демократија на европските избори пред две седмици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.