Најголемата косовска опозициска партија, Движење самоопределување (ВВ), смета дека косовскиот премиер Авдулах Хоти, наместо ветеното признавање на независноста, му донесе многу штети на Косово од преговорите со Србија во Вашингтон, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешната објава на својата страница на Фејсбук, ВВ на, како што го нарекува, „нелегитимниот премиер Хоти“, му ги набројува штетите од договорите кои минатата недела ги потпиша со српската страна во Белата куќа во Вашингтон.

– Нелегалниот и нелегитимен премиер рече дека оди во Вашингтон за меѓусебно признавање, но се врати со многу штети за Републиката. Значи, отидоа за признавање, а се согласија да не се залагаат за зачленување во меѓународни организации една година. Отидоа за признавање, а се согласија за поделба на езерото Газивода. Отидоа за признавање, а се согласија за реализација на идејата и целите на Србија за мини-Шенген. Отидоа за признавање, а се согласија да ѝ овозможат на Србија излез на Јадранското море. Отидоа за признавање, а днесоа штети, срамота и опасности, се вели во реакцијата на партијата на доскорешниот премиер, Албин Курти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.