„Мал Шенген“ е иницијатива која ветува и ја има нашата поддршка, изјави денеска во Женева специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер.

Европската перспектива на Западен балкан, која беше основа за американско ангажирање во регионот подолго од 20 години, не се сменила и нема да се смени, изјави Палмер.

 

 Токму затоа, неможноста на Европскиот совет да постигне консензус за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија беше толку длабоко разочарувачка. Но тоа не е последниот збор. Се надеваме дека Европскиот совет ќе може да го ревидира тоа прашање и да постигне напредок на средбата на лидерите во загреб, да го пронајде неопходниот консензус, да го отпочне тој важен процес и да испрати важен сигнал за регионот, потенцираше Палмер.

 

Во меѓувреме, САД преземаат поголема улога на Западен Балкан, а ЕУ е во опасност да создаде перцепција дека се повлекува, самиот регион ја презема иницијативата. Посветеноста на Србија, Албанија и Северна Македонија да ја подобрат соработката преку иницијативата наречена „мал Шенген“ е демонстрација на тоа како лидерите преземаат одговорност за својата судбина и контрола над сопствената иднина, истакна американскиот функционер.

Според него структурата на иницијативата е отворена, и во неа има место за Црна Гора, БиХ и Косово.

 Тоа е иницијатива која ветува, има наша поддршка и за која сме посветени на работа во партнерство со лидерите од Западен Балкан за да постигнеме напредок, потенцираше Палмер.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, заедно со премиерите на Северна Македонија и Албанија Зоран Заев и Еди Рама минатиот месец во Нови Сад потпиша иницијатива за воспоставување таква зона, а повикани се и други држави од регионот да се придружат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.