Едно лице загина, а друго се бори за живот по вооружениот напад кој вчера околу пладне се случи во Центарот за социјална работа во Ѓаково, Хрватска.

Според информациите на „Јутарњи лист“, социјална работничка починала на самото место, а адвокат е сериозно ранет. Сторителот бил корисник на Центарот за социјална работа, кој наводно бил лекуван во психијатрија и кој бил лишен од неговата деловна способност. Социјалната работничка, всушност, била негов старател.

По пукањето, сторителот се дал во бегство, а потрагата по него траела осум часа. Како што соопшти хрватска полиција, станува збор за Андрија Дрежњак од Ѓаково. Неодамна била пријавена промена во однесувањето кај Дрежњак, поради што стручен тим кој стигнал од Загреб требало да утврди дали имало пропусти во работата на полицијата. Од полицијата велат дека последните 15 дена не примиле дојава дека тој некому се заканувал.

Кај убиецот било пронајдено оружје кое го поседувал илегално, пасош и 10.000 куни, поради што полицијата верува дека сакал да ја напушти Хрватска.

Дрежњак бил уапсен во околу 20 часот вчера во близина на автопат, а полицијата истражува како дошол до оружјето. Тој од претходно ѝ е познат на полицијата. Имал извршено повеќе кривични дела – недозволено поседување оружје, подметнување пожар, напад со нож.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.