Романскиот претседател Клаус Јоханис ситуацијата ја нарече „национална драма од страшни размери“, а Романија, заедно со Бугарија, има најниска стапка на вакцинација во ЕУ.

Романија се соочува со еден од најлошите бранови на коронавирусот во Европа. Ова се должи на широко распространетиот скептицизам кон вакцините, но и на неспособноста на претседателот и владата да го убедат народот во потребата од вакцинација.

Видеото од Универзитетската клиника во романската престолнина Букурешт е тешко за гледање. На Одделот за интензивна нега нема слободни кревети, ходниците се преполни со пациенти што чекаат, медицинскиот персонал ги вози мртвите во црни најлонски кеси.

Амбулантните возила постојано носат нови пациенти. Речиси сите се стари лица, главно оние што не се вакцинирани против коронавирусот. Многумина едвај дишат, а некои велат дека и покрај сѐ не би се вакцинирале. Еден лекар коментира: „Овој наплив на пациенти е поврзан со негрижата и неинформираноста на луѓето. Политичарите треба да бидат многу поупорни. Доколку се загрижени за благосостојбата на гласачите, треба постојано да им се кажува да одат и да се вакцинираат.“

Видеоснимките од Универзитетската клиника во Букурешт се без коментар и траат 16 минути. Тие имаат наслов: „Вака изгледа здравствена катастрофа“. Романскиот интернет-портал „Рекордер“ ги објави минатата недела, пишува „Дојче веле“.

Она што е прикажано на видеото во една клиника во моментов се случува во болниците низ цела Романија. Таа земја се соочува со еден од најлошите бранови на коронавирусот во Европа. Речиси секој ден се поставуваат нови рекорди. Во вторникот (19 октомври) беше објавено дека во претходните 24 часа се регистрирани речиси 19.000 нови случаи на инфекција и дека 574 лица починале како последица на коронавирусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.