Поранешниот пратеник на екстремната десничарска партија Златна зора Христос Папас (59), кој беше осуден на 13 години затвор за управување со криминална организација, најверојатно преку Македонија пребегнал во Србија и се крие во манастир.

Грчките власти претпоставуваат дека бегалецот успеал да ја напушти Грција на границата со Македонија во октомври минатата година под лажно име, маскиран во монах, пренесе агенцијата Бета. По него е распишана европска потерница и се очекува наскоро да биде уапсен во Србија и екстрадиран во Грција на издржување на казната.

Истрагата е насочека кон неколку српски манастири поврзани со грчкото крило „старокалендарци“.

Лидерот на распуштената партија Златна зора Никос Михалојакос и уште петмина поранешни пратеници, вклучително и бегалецот Папас, беа осудени на затвор за претворање на партијата во криминална организација.

„Златна зора“, основана во осумдесеттите како мала полутајна неонацистичка група, а потоа и целосно маргинална партија, се крена за време на финансиската криза во Грција во 2010-2018 година, освојувајќи места на четири избори и беше трета по големина грчка политичка партија според силата. Златна зора ја изгуби популарноста поради тоа што нејзини членови, но и раководството се поврзуваат со злосторства од омраза, вклучувајќи брутални улични напади врз имигранти и левичарски активисти. На последните избори во 2019 година пред забраната и распуштањето не успеа да освои ниту еден пратеник.


Извор: Бета

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.