Албанската телевизија „Топ ченл“, објавува дека на денешните избори, Социјалистичката партија на актуелниот премиер, Еди Рама, ќе освои мнозинство пратенички мандати во 140-члениот парламент.

Според „Топ ченл“, Социјалистите освоиле 46,9 проценти од гласовите на национално ниво што ќе им донесе 71 пратеник. Опозициската Демократска партија на Љуљзим Баша, пак, освоила 43,5 отсто односно 63 пратенички мандати.

Социјалистичкото движење за интеграција има 6,9 отсто што ќе му донесе само шест места во парламентот.


Сепак, различни медиуми објавуваат различни излезни анкети. Според првичните реакции од изборните штабови што ги пренесуваат медиумите, и Рама и Баша веруваат дека ќе формираат Влада, но ниту еден од нив досега не прогласи победа.

Парламентарните избори во Албанија беа деветти по ред. Ова се први избори во земјата што се спроведоа во време на пандемија, а се одржуваат во јубилејната 30. година од падот на комунистичкиот режим во Албанија.

Право на глас на изборите имаа 3,5 милиони граѓани на Албанија. На изборите учествуваа 16 политички субјекти (два помалку од претходните) и двајца независни кандидати. За 140 места во парламентот се бореа 1.841 кандидати, а од нив 39,7 отсто се жени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.