Претседателката на Косово, Вјоса Османи вели дека дијалогот со Србија не може да биде приоритет во ситуација кога луѓето во нејзината држава „умираат во недостиг на вакцини“ против Ковид-19, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната средба со амбасадорот на Белгија во Приштина, Жан-Луј Серве, Османи рече дека главна преокупација на косовските власти во актуелната ситуaција е обезбедувањето вакцини.

Не можеме да говориме за дијалог со Србија додека луѓето ни умираат во недостиг на вакцини. Вакцините се приоритет и ќе го направиме и невозможното, во соработка со нашите партнери, истите да ги обезбедиме – порача Османи.

Амбасадорот Серве, според соопштението од претседателскиот кабинет, ѝ ги пренел на Османи честитките од белгискиот крал за неодамнешниот избор на чело на косовската држава и нагласил дека неговата земја „ќе продолжи да го поддржува Косово на неговиот европски пат, како и во јакнењето на меѓународниот субјективитет“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.