Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска порача дека комуникацијата со Република Бугарија мора да биде постојана и интензивна.

-Колку повеќе оставаме простор без комуникација, некој друг влегува во таа комуникација и ја киднапира агендата и не одвраќа од траекторијата која сме ја исцртале од јули годинава. Се договоривме веднаш да ги активираме секторските работни групи затоа што идната недела тим од двете министерства ќе направи календар за фиксни средби на секторските работни групи, петте групи кои беа формирани уште на почетокот на годината. Ќе се состануваат еднаш месечно за да одржат постојана комуникација, постојано следење на акциските планови во делот на соработката, рече Османи на денешната средба со медиумите.

Османи информира дека за еден настан уште веднаш се договориле со неговиот бугарски колега Николај Милков, а останатиот календар, како што рече, тимовите ќе го подготват следната недела. Информира дека ги одредиле луѓето кои од нашето и од бугарското МНР ќе се сретнат онлајн оваа недела за да го утврдат календарот.

На средбата со медиумите, Османи се задржа на работната посета на Бугарија на почетокот на неделава која ја оцени како многу важна. Информираше за остварените средби во Софија, со премиерот Галаб Донев, со бугарскиот министер за надворешни работи Милков и средбите со речиси сите лидери на парламетарните политички партии во Република Бугарија.

-Целта беше не само одржување на нормална комуникација, враќање на агендата, но и еден тип на превентивна дипломатија затоа што почнаа да не ми се допаѓа трендот и динамиката на односите со Република Бугарија, посебно по големиот исчекор кој го направивме во јули оваа година. Бидејќи таму нема политичка влада сакав да се видам и со службената, но и со политичките партии, рече Османи.

Додаде дека инсистирал на таков формат на средби е разговорите во самиот бугарски Парламент, особено за време на конститутивната седница кога, како што рече, почнаа лидери на политички партии да лиферуваат ставови по однос на нова Декларција за Република Македонија.

Министерот Османи информира дека се договориле да се одржи бизнис форум со Република Бугарија, кој ќе се одржи на почетокот на декември во Скопје. Очекуваат голем број бизнисмени и компании од Бугарија заедно со министерот Милков да дојдат во Скопје. Со тоа, како што рече, ќе одбележиме една милијарда евра трговска размена оваа година.

– Ние тука формиравме работни тематски групи за имплементација на протоколот. За секоја тема една работна група плус меѓуресорска, односно министерска работна група. Бугарија истото тоа го направи во нивното Министерство, со што и таму и овде има работни групи за следење на протоколот. Значи покрај следење на протоколот и секторските работни групи се активираат и овој тим што ќе се состане идната недела ќе направи календар за нивните комуникации, почести комуникации. Тоа што останува да се договори во наредниоит период, а е обврска во протоколот, е календарот за заеднички чествувања за веќе договорените историски личности, информира Османи.

Османи информира дека треба за петте договорени историски личности да се утврди календар согласно протоколот за 2023 и 2024.

– Ќе видиме овој тим којшто го презентиравме да може освен календарот за секторските работни групи за работните групи за протоколот и да почнат разговори евентаулно во соработка со Историската комисија, иако тоа е работа на двете влади да утврдат одредени календари, дали тоа ќе бидат јубилејни, дали ќе бидат на пет години, на десет, на една година…Ќе видиме во зависност од личностите коишто се договорени, рече Османи.

За една личност, како што посочи, веќе имаме воспоставен модел, а тоа е во Рим, 24 Мај – Ден на сесловенските просветители, празник кој веќе со години заедно го чествуаме. Остануваат Свети Климент, Свети Наум и Самоил за коишто ќе треба да ги почнат разговорите.

Во рамки на работната посета на Бугарија се разговарало и за Културниот центар во Благоевград за што, како што рече, има позитивен став. -Останува да видиме кога, во кој период ние ќе бидеме подготвени во однос на целокупната процедура, постапка, документација итн. за да се отвори културниот центар во Благоевград, рече Османи.

Додаде дека средбите со политичките партии биле позитивни и конструктивни.

Одговарајќи на новинарско прашање за работната посета на Бугарија, Османи нагласи дека провокациите, особено тие кои се однесуваат на прашањата на идентитетот, посебноста и на јазикот особено, како што рече, ги вознемируваат граѓаните и особоено го стеснуваат просторот за соработка во кој било друг дел во кој треба да има соработка.

-Немаше состанок посебно со лидерите на политичките партии во Парламентот на кој не се задржав значително токму во овој дел, кога тие изјави кои се однесуваат на посебноста, на идентитетот и на јазикот и укажав дека колку повеќе и ако воопшто има разговори по тоа прашање, толку ќе се стесни просторот за било каква нормална комуникација во однос на другите прашања. Мислам дека сите ја разбраа пораката колку е тоа сензитивно и колку треба да внимаваат по однос на прашања кои се однесуват на теми како идентитет, засебност и јазик, рече Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.