Српскиот претседател и лидер на владејачката Српска напредна партија (СНС), Александар Вучиќ, денеска разговараше со претседателот на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, за досегашните резултати од владината коалициона соработка, како и за формите на соработката во иднина, соопштија од СНС.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, во соопштението се наведува дека „СНС и СПС се клучни носители на сериозни и тешки реформи во земјата, кои придонесле за фискалната стабилизација на Србија и нејзиното силно економско зајакнување“.

Исто така, се наведува дека „со здружени сили двете партии успеале да ги одбранат виталните државни и национални интереси, особено кога станува збор за Косово“.

Вучиќ и Дачиќ, како што се додава, ќе продолжат со консултациите во рамките на нивните политички партии за модалитетите за излез на претстојните избори и за тоа ќе ја известат јавноста пред крајот на февруари.

Пред два дека, претседателот Александар Вучиќ изјави дека парламентарните и локалните избори во Србија ќе се одржат на „19 или на 26 април, најверојатно на 26.“

Поголемиот дел од опозицијата, коалицијата на Сојузот за Србија, како и партите на поранешниот претседател на Србија Борис Тадиќ-Социјалдемократската партија (СДП) и Нова странка (НС) на поранешниот премиер Зоран Живковиќ најавија бојкот на изборите.

Во Србија во тек е и дебатата за намалување на изборниот цензус од 5 на три проценти, што е иницијатива на српскиот претседател.

Според денес објавеното истражување спроведено од „Ипсос Стратеџик маркетинг”, на изборите во април, од 4,8 милиони избирачи, за кои се проценува дека живеат во Србија, најмалку половина ќе излезат да гласаат, а бројот на излезност веројатно ќе биде на работ на половина од бројот на вкупно запишани, изјави Срѓан Богосављевиќ, консултант во оваа истражувачка агенција.

Богосављевиќ кажа дека тоа ќе биде „тест на легитимитетот, но и дека е малку веројатно некој да може да не ги признае изборите со оглед дека не постои уставна бариера за процентот на излезност“.

Како што кажа, резултатите од анкетите покажуваат дека Српската напредна партија (СНС) може да добие повеќе од 50 проценти од гласовите од излезените гласачи и дека Социјалистичката партија на Србија (СПС) сигурно ќе го надминува цензусот со девет до 11 проценти од гласовите, а толку проценти на поддршка на гласачите има и Сојузот за Србија (СзС) на изборите, која се одлучи за бојкот

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.