Албанија се споменува како главна земја на потекло на канабисот во Европа и шеста во светот за периодот 2015-2019 година, покажува последниот глобален извештај за дрога во 2021 година, публикација на UNODC, глобалната канцеларија на Обединетите нации за криминал и дрога.

На графиконот објавен во извештајот Главните земји на потекло на канабис, според извештаите на земјите-членки, каде што беа анкетирани 71 земја за периодот 2015-2019 година, Албанија се споменува шеста во светот, по Мароко, Авганистан, Пакистан, Либан, Исламска Република Иран, пренесува агенцијата Балкан веб.

Според извештајот Албанија е прва во Европа, надминувајќи ги Шпанија и Холандија. Шпанија се споменува како осма во светот, додека Холандија е деветта.

Исто така, се наведува дека албанските мрежи како важни во трговијата со кокаин низ цела Европа, го спроведуваат таканаречениот деловен модел „end to end“ ефикасен модел што исклучува трети страни и управува со самиот процес, од почеток до крај.

Разновидноста на актерите во синџирот на снабдување со кокаин помеѓу Латинска Америка и Европа го олесни зголемувањето на достапноста на кокаин во Европа, се забележува во извештајот.

На графиконот објавен во извештајот, Албанците заземаат значителен дел од странските државјани кои се уапсени во врска со индивидуалните заплени на кокаин, проценето според големината на запленетата сума. Така, 25 отсто од апсењата на прво ниво на трговија се по потекло од Албанија.

Покрај албанските групи вклучени во дистрибуција на кокаин низ цела Европа, вклучени се и српско-хрватските групи. Граѓаните на Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Србија, исто така, станаа клучни играчи во набавката на големи количества на кокаин и организирањето превоз и продажба на европските купувачи, додава агенцијата, повикувајќи се на извештајот.

Се констатира дека оваа појава довела до зголемена конкуренција и се почестите случаи на соработка меѓу различните групи вклучени во трговија со кокаин, што резултирала во поефикасен синџир на снабдување, придружено со високо ниво на одгледување и производство на кокаин во Јужна Америка, а со тоа и зголемена достапност на кокаин во Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.