Околу 500 верници, најголем дел наши иселеници во Словенија скокнаа по светиот крст во Копер. Како што јави дописникот на МИА од Словенија, меѓу верниците кој влегоа во студентите води на Јадранското Море имаше и три жени.

Граѓаните најпрво се собраа во и пред храмот „Богојавление Водици” каде што се одржа света литургија по повод големиот христијански празник. Литургијата беше проследена со Литија, од храмот до морето.

Самиот чин на спуштање на крстот во вода се одржа на најголемата градска плажа во Копер, а го фати триесетгодишниот Стефан. Среќниот Стефан доби честитки и од амбасадорката на Македонија во Словенија Сузана Зеленковска, која дојде во Копер да го проследи одбележувањето на христијанскиот празник.

Празнувањето на Водици беше организирано од повеќе здруженија на Македонците во Словенија и црковната општина при МПЦ, а секоја година расте бројот на верниците. Интересно е што покрај Македонците, по светиот крст во вода влегоа и повеќе православни верници од Србија и Црна Гора.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.