Македонското друштво „Илинден“ од Тирана во име на Македонците во Албанија најостро ја осуди, како што наведува, „најновата провокација на Бугарската академија на науките (БАН) за македонскиот јазик како дијалект на бугарскиот јазик”.

Во реакцијата се наведува дека „ниту Македонците се Бугари, ниту македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик“.

Македонското друштво „Илинден“ – Тирана во име на Македонците во Република Албанија, најостро го осудува ставот на Бугарската академија на науките, дека „македонскиот јазик не постои” и дека „македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик”, наспроти Повелбата за македонскиот јазик на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од 3 декември годинава, се наведува во реакцијата.

МД „Илинден“ додава дека Бугарија со „своите барања, потврдува дека воопшто не го заслужува местото во Европската Унија на која и нанесува непотребен срам“.

Однесувањето на Софија кон Македонците е доказ за шовинистичкото однесување на бугарската политика од времето на Санстефанска Бугарија од 1878 година. Иронијата да биде поголема, денес Софија „се бори” против руското влијание во Бугарија, заборавајќи дека и државата Бугарија и „Санстефанска Бугарија” се производ на Руската Федерација, се додава во реакцијата на друштвото.

Друштвото потсетува и на обидите на официјална Софија „да бара Бугари онаму каде што никогаш немало и нема да има, а тоа се областите каде што концентрацијата на Македонците во Албанија е најголема“.

Во Албанија, ниту имало, ниту има Бугари, туку само Македонци. Македонците во Албанија отсекогаш биле Македонци. Македонците во Албанија никогаш не биле и нема да бидат Бугари, завршува реакцијата на МД „Илинден“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.