Во автобус што се движел на линија Париз-Белград се уапсени две лица осомничени за грабежот во златарница во Париз, што е една од главните теми на западните медиуми. Грабежот се случи во вторникот попладне кога маж влегол во луксузната продавница околу 17 часот и извадил автоматски пиштол. Го зел накитот и избегал со пленот проценет на два до три милиони евра.

Како што пренесуваат француските медиуми, двајца државјани на Црна Гора, на возраст од 45 и 55 години, се уапсени поради сомнеж дека ја ограбиле златарницата Шоме во парискиот Арондисман 8. Тие вчера околу 13 часот, во автобус на автопатот во близина на границата со Германија, биле уапсени од припадници на бригадата за истражување и интервенции во Мец.

Специјалците упаднале во автобусот и веднаш настанал хаос, додека патниците биле во шок. Полицијата го претресла автобусот и во него го нашла пленот од грабежот, по што двајцата мажи биле уапсени.

Одреден им е притвор, а обвинителството во Париз ги товари за „организиран грабеж со оружје и учество во злосторничко здружување со цел извршување на кривично дело“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.