Откако во Грција три дена по ред се регистрирани по над 1.000 нови позитивни на Ковид-19, од утринава стапи на сила мини-карантин во градовите Солун, Лариса и Родопи, од северниот дел на земјата, кои влегуваат во црвената фаза.

Тоа значи дека се затвораат кафулињата, рестораните, кината, театрите, судовите, археолошките локалитети и музеите и фитнес центрите, но остануваат отворени продавниците и училиштата.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас соопшти дека одлуката трите градови од портокалова да преминат во црвена фаза (зголемена опасност) е базирана на податоците и ситуацијата од изминатите денови.

Во регионалната единица Солун во овој момент има 1.955 случаи и 4.399 блиски контакти коишто се во домашна изолација, а просечната возраст на случаите во изминатите денови се зголеми на 35,5 години. Во исто време во Лариса, во овој момент има 343 активни случаи на просечна возраст од 37 години, а од проверката на контактите произлезе 721 близок контакт. Во Родопи имаме 217 активни случаи, на просечна возраст од 30 години, а блиските контакти се 488 – изјави Хардаљас.

Тој објасни дека просечната возраст како и проверката на контактите покажуваат дека случаите се поврзани со забави, спортски активности и масовни собири.

Од почетокот на епидемијата во Грција се регистрирани 35.510 случаи, а починаа 615 лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.