Националната метеоролошка служба на Грција, со вонреден билтен, извести за опасноста земјата да биде зафатена од ново невреме проследено со силни врнежи од дожд, на некои места и град, силен ветер и бура, додека, пак, механизмот на противпожарната служба за справување со можни проблеми е веќе активиран по одржаниот вонреден состанок – јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчката метеоролошка служба соопштуваат дека во попладневните часови, невремето ќе ги зафати Јонското море, Пелопонез, западниот и северозападниот дел на земјата.

По вонредната временска прогноза, Противпожарната служба на Грција вчера одржа состанок за оперативната подготвеност на која присуствуваше и началникот на службата, а денеска на прес-конференција известија за донесените одлуки, но упатија и препораки и совети до граѓаните како да се заштитат.

На состанокот беше одлучено одново да се активира операциониот план за справување со опасности од поплави и други непогоди во областите во кои што се очекува да се појави невремето. Механизмот на нашата служба ќе биде во состојба на готовност, со возила на различни локации – рече портпаролот на Противпожарната служба на Грција, Василис Ватракојанис.

Тој додаде дека пожарникарите и возилата во деловите каде што се најавува невремето ќе бидат подготвени, доколку е потребно, за брза интервенција, а во соработка со Генералниот секретаријат за цивилна заштита биле известени сите инволвирани државни служби, како и перифериите и општините.

Портпаролот на противпожарната служба на Грција упати совети и препораки до граѓаните за заштита од невремето: да избегнуваат да поминуваат пеш или со возила низ речни корита или надојдена вода и вирови; да избегнуваат работа на отворено или активности во близина на морето, како и рибарење; во случај да паѓа град да се засолнат во објекти или во возила се додека не помине невремето; да избегнуваат да поминуваат под големи дрва, висечки ознаки или под места каде што постои опасност за пад на предмети.

Ги молиме сите граѓани, за нивна безбдност, да бидат особено внимателни и верно да ги следат упатствата на надлежните органи – рече портпаролот на грчката противпожарна служба на денешната прес-конференција.

Заменикот полковник на Противпожарната служба, Аристотелис Пападопулос, кој воедно е и метеоролог, објасни дека бурата „Адиноос” доаѓа од запад.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.