Федерацијата на вработени во државните болници во Грција, со нов петчасовен прекин со работа и собири во Атина и Солун денеска протестираше против задолжителната вакцинација на здравствените работници.

Од Федерацијата одржаа протест пред Министерството за здравство на Грција. Тие истакнуваат дека не се против имунизацијата, сметаат дека задолжителната вакцинација го намали бројот на дневни вакцинации и тоа испраќа негативна порака до општеството и бараат да се укине одлуката за принуден неплатен одмор за невакцинираните здравствени работници.

Тие сметаат дека оваа мерка, го распаѓа јавното здравство.

Денешниот протест беше поддржан и од Синдикатот на вработените во јавниот сектор.

Федерација на вработени во државните болници во Грција, во изминатиот период, за истите барања, одржа неколку протести во Солун и во Атина.

Грција суспендираше од нивните работни места скоро 6.000 здравствени работници кои го пропуштија рокот 1 септември за да примат најмалку една доза вакцина против ковид-19.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.