Интервенција на противпожарната служба за спасување лица од поплавени домови, затворен дел од автопатот Атина – Коринт, затворени улици во Атина, пролонгиран почетокот на наставата во училишта и градинките во областа Атика, апел од Генералниот секретаријат за цивилна заштита граѓаните до 10 часот утрово да избегнуваат непотребни движења со автомобили, загинати две лица во Антирио….. е билансот од невремето „Гирионис“, што од доцна синоќа ја зафати Грција и создаде сериозни проблеми во повеќе делови на земјата.

Областа Кинета во западниот дел на Атика, поширокиот регион на Атина, беше најпогодена од невремето, домови и улици се поплавија, а противпожарната служба на Грција во текот на ноќта примила над 64 повици за помош, од кои повеќето биле за отстранување на луѓе од нивните поплавени домови.

Со одлука на надлежните, затворен е дел од автопатот Атина – Коринт што поминува низ Кинета.

Периферијата Атика, одлучи училиштата и градинките да останат затворени до 10 часот утрово.

Од Генералниот секретаријат за цивилна заштита рано утрово упатија повик до жителите на Атика да избегнуваат движење со автомобили до 10 часот утрово и од превентивни причини и за да се избегне сообраќаен хаос со непријатни последици поради насобрана вода на улиците.

Невремето создаде сериозни проблеми и во бродскиот сообраќај, на неколку грчки пристаништа, поради силниот ветер има забрана за пловидба.

Спасувачките служби од морето ги извлекоа безживотните тела на двете лица кои од вчера се водеа за исчезнати, откако се превртила мала јахта закотвена на пристаништето во грчкиот град Антирио во западниот дел на земјата.Едното лице беше извлечено околу час и половина по полноќ, а другото рано утрово.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.