Од механизмот Ковакс соопштија дека БиХ е виновна што не ја добила ветената количина вакцини против корона вирусот од компанијата „Фајзер“ затоа што не ги исполнила посебните барања на американскиот производител.

Во писмото од Ковакс, што го добило министерството за цивилни работи на БиХ, се наведува дека БиХ нема да прими никакви вакцини преку механизмот Ковакс ниту во март, објави „Балкан инсајд“.

Како што се наведува, БиХ на 29 јануари била информирана дека ќе прими 23.400 дози од вакцината на „Фајзер“, ноземјата не ги исполнила условите за чување на вакцините, односно не обезбедила складишта со ниска темпаратура, а имало и некои неисполнети обврски од правен и административен аспект.

По неколку разговори со „Фајзер“ во последните три недели, со жалење ве известуваме дека испораката на овие дози, кои требаше да бидат доставени во првиот квартал од оваа година, ќе се одложи до исполнувањето на дополнителни барања на „Фајзер“ за длабинска анализа – се вели во писмото.

За да помогне во решавањето на проблемот, од Ковакс понудија да посредуваат во разговорите меѓу претставниците на БиХ и „Фајзер“.

Од друга страна, Министерството за цивилни работи на БиХ инсистира на тоа дека ги исполниле сите свои обврски.

Босна и Херцеговина очекуваше 1,23 милиони вакцини од програмата Ковакс, што е доволно за околу 20 проценти од нејзиното население.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.