Мисијата на КФОР предводена од НАТО, која од утринава ја одржува контролата меѓу граѓаните и косовските специјални сили во сите четири општини на северот на Косово со мнозинско српско население, ги повика сите страни да се воздржат од потези кои можат да поттикнат тензии и да предизвикаат ескалација, пишува „КоССев“.

„КФОР ги повикува Белград и Приштина да се вклучат во дијалогот предводен од ЕУ за намалување на тензиите како единствен начин за мир и за нормализација“, потенцираат од оваа мисија.

Засега КФОР ја има ситуацијата целосно под контрола не само со распоредените единици, туку и преку кризни преговори на терен.

Во Звечан, претставникот на КФОР прво разговара со едната, а потоа со другата страна. Припадниците на КФОР стојат меѓу граѓаните и полицијата и во Лепосавиќ и Зубин Поток, а зголемено присуството на КФОР од утринава е забележително и во Митровица.

„Целта на присуството на КФОР е да се погрижи за безбедна и сигурна средина и слобода на движење за сите заедници во Косово, во согласност со неговиот мандат од Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година,“ велат од мисијата, истакнувајќи дека се подготвени да ги преземат сите неопходни активности на неутрален и непристрасен начин.

Тие велат дека се во постојана комуникација со со ЕУЛЕКС на Косово, но и со Генералштабот на Војската на Србија, што го потврди и српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ, кој, сепак, изрази сомнеж дека КФОР денеска е на терен „за да ја заштити полицијата“.

Илјадници граѓани во трите општини на северот од Косово од утринава се пред општинските згради, кои од петокот се под ‘окупација’ на на косовската специјална полиција.

Ген-секот на НАТО Јенс Столтенберг, во неделата, ја повика косовската влада да ги намали тензиите со Србија.

„Приштина мора да деескалира и да не презема еднострани, дестабилизирачки чекори“, напиша Столтенберг на Твитер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.