Претседателот на Алијансата за иднината на Косово (АБК) Рамуш Харадинај денеска најави организирање референдум за обединување со Албанија. За време на презентацијата на изборната програма лидерот на АБК кажа дека Косово не може да чека додека другите не бидат расположени да ги решат многуте отворени прашања.

Ќе дојде денот кога новиот претседател на САД или новиот германски канцелар ќе треба да одлучат што ќе му кажат на Косово во 2024, 2025 или 2026 година … Очекувајте да сториме нешто. Ниту сме прифатиле, ниту сме оставиле замрзнат конфликт, ниту сме прифатиле да не разделат, но ќе одиме на референдум за обединување со Албанија, запомнете го ова, рече Харадинај, пренесува Косово oнлајн.

Харадинај објасни дека тоа не е прашање на љубов и потсети дека косовските Албанци уште пред 20 години му дадоа збор на Западот дека сакаат да ја почитуваат заедничката визија Косово да влезе во ЕУ, НАТО, да стане членка на ОН и Белград да го признае тоа.

Доколку ЕУ сакаше да убеди пет земји-членки да ја сменат својата позиција, а Америка сакаше да ни помогне да добиеме признание од Израел, зошто нашите европски партнери не држат толку изолирани, зошто не оставаат настрана и од време на време ни кажуваат дека сме виновни за тоа. Зарем не се виновни Србија и другите соседни земји, дали тие беа совршени, рече Харадинај и додаде дека „не може само да чекаме некој да биде расположен за решавање на косовското прашање“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.