Во дом за стари лица во центарот на Атина се регистрирани над 40 позитивни случаи на Ковид-19, а дел од заразените веќе се пренесуваат во болници.

Претседателот на Националната организација за јавно здравје на Грција, Панајотис Аркуманеас за грчкото радио „Скај“ изјави дека досега се потврдени 40 случаи, но бројката може да е и над 45 заразени лица.

Доцна синоќа домот за стари лица го посетија заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас и шефот на комисијата во Министерството за здравство професорот епидемиолог Сотирис Циодрас за да ја согледаат ситуацијата.

Професорот објасни дека најчесто, во вакви места каде што не се дозволени посети, ширењето на корона вирусот е од персоналот.

Во Солун ја научивме лекцијата, во Атина ситуацијата не е добра – рече Циодрас.

Во август имаше раширеност на корона вирусот во домови за стари лица во Солун, а само од еден дом починаа најмалку 20 лица.

Ситуацијата со пандемијата е особено алармантна во Атина каде што секојдневно се регистрираат голем број позитивни случаи.

Заменик-портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони на редовниот брифинг со новинарите соопшти дека иако во последните седмици има зголемен број нови случаи, особено во областа Атика, во поширокиот регион на Атина, сепак постои тренд на стабилизирање на случаите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.