На островот Самос, каде што во прифатен центар наменет за 648 лица, според официјалните податоци заклучно со 28 октомври 2019 престојуваат 5999 бегалци и мигранти, ќе се гради уште еден нов центар за прием и идентификација, откри заменикот министер под премиерот и портпарол на грчката влада, Стелиос Пецас, на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина за ситуацијата на островот што заедно со Лезбос се најпогодени од бранот бегалци и мигранти.

Знаете дека Самос има околу десет пати повеќе население во центарот за прием и идентификација од она што по правило би требало да има. Ситуацијата е многу тешка. Правиме сѐ што можеме за да ја растовариме областа и имаме јасен временски рок, нешто за кое ќе бидеме во можност да го соопштиме во следните денови, во однос на изградбата на друг центар за прием и идентификација за да може да стане похуман процесот за овие луѓе, како за жителите, така и за оние што се сместени таму, рече портпаролот на грчката влада.

За процесот на распределување на бегалците и мигрантите од островите во други делови на Грција, Пецас рече дека е завршен конкурсот од Меѓународната организација за миграции (ИОМ) за хотелите кои што понудиле да примат лица што имаат профил на бегалци. Објасни дека ги разгледуваат резултатите, а соработуваат и со локалните власти и секогаш во согласност со локалното население.

Она што ние гледаме да го направиме по завршувањето на конкурсот е да видиме кои се областите што се со прекумерен број, постојат други каде што има помалку и да постои распределба на праведен начин. Уште еднаш повторувам дека ова се однесува на луѓе кои имаат бегалски профил и во главно говориме за семејства, објасни Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите.

Утре, планирано е грчкиот Парламент да гласа за новиот закон за процедурите за доделување азил, а веројатно обраќање пред пратениците ќе има и премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.