Поглаварот на албанската муслиманска заедница, Бујар Спахиу реагираше во врска со сериозниот инцидент што се случи во џамијата „Дине Хоџа“ во Тирана, каде што петмина верници беа прободени со нож од 34-годишен маж додека биле на молитва.

Преку објавата на социјалните мрежи, Спахиу ги повика надлежните органи што побрзо да го „разјаснат овој настан што ги повреди верниците во овие денови на Рамазан“.

Спахиу наведува дека бил информиран од Муфтијата на Тирана, Лауран Лули, од медиумите, но во детали и од имамот на џамијата Ахмет Калаја, како и очевидци, кои потврдиле дека напаѓачот од улица влегол во џамијата и почнал да напаѓа, повредувајќи и верници и членови на џамискиот одбор.

За среќа повредените се вон животна опасност. Му се молиме на Бога за навно брзо закрепнување. Напаѓачот е во рацете на полицијата. Бараме од надлежните органи што побрзо да го разјаснат овој настан што ги повреди верниците во овие денови на Рамазан – напиша поглаварот Спахиу.

Според последните информации од болницата во Тирана, повредените се вон животна опасност, а врз еден од нив, кој имал длабока рана во пределот на стомакот е извршен оперативен зафат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.