Извештај на експертска комисија презентиран пред турскиот Парламент околу мерките кои треба да се преземат со цел да се минимизираат последиците од евентуален силен земјотрес, предупредува на опасност од цунами во Турција, јави турската приватна телевизија Си-Ен-Ен-Турк.

Во извештајот на повеќе од 500 страници се наведува „јасна опасност од цунами“ во земја каде што бреговите на Егејското, Средоземното и Мраморното Море се густо населени и се забележува голема сеизмичка активност, пишува весникот „Милиет“.

Според документот, првиот удар при евентуално цунами нема да предизвика штета, но ќе го следат други кои ќе бидат уништувачки.

Во извештајот се тврди дека Мраморното Море има голем потенцијал за појава на цунами, а истражувањата покажуваат дека овој феномен е забележан таму повеќе од 30 пати во минатото.

При силен земјотрес се очекува првиот бран на можно цунами да стигне до брегот за десет минути, а највисокиот од нив да го погоди копното за околу еден час или час и половина. Островите и источниот дел на Мраморното Море се очекува да бидат најпогодени од цунами, предупредува извештајот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.