Две тела се извадени од урнатините на хотел во Драч, со што бројот на загинати во најсилниот земјотрес во Албанија во последните неколку децении порасна на 18, а има и над 600 повредени.

Со епицентар на 34 километри северозападно од Тирана, земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтерова скала најголеми штети и жртви предизвикал во Драч и Тумане и непознато е колку луѓе има уште под урнатините. Голем број европски земји испраќаат помош во вид на луѓе и опрема.

Медицинските тимови згрижија повеќе од 600 луѓе, од кои девет се во критична состојба. Драч и Тумане се најтешко погодените области, со голема материјална штета и изгубени животи. Ова е крајно опасна операција, затоа што мора да се работи многу бавно – изјави министерот за одбрана Олта Џака.

Земјотресот се почувствува на целиот Балкан, сѐ до Нови Сад, како и во Италија.

Експертите предупредуваат дека во наредните часови и денови можат да се очекуваат уште земјотреси.

Сигурно ќе има афтершок во рангот на 5,9 степени – вели Етимиос Лекас, еден од најугледните сеизмолози во регионот.

Во 1979 година, Албанија ја погоди земјотрес со јачина од 6,9 степени, при што загинаа 136 луѓе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.