Зад решетки во Србија се наоѓаат нарко босовите Дарко Шариќ и Вељко Беливук, познат како Веља Невоља, кој е осомничен дека е главната врска на црногорскиот „Кавачки клан“ во Србија. „Главна активност“ за Кавчаните е шверцот на кокаин во земјите од регионот. Додека некои од најважните српски „играчи“ во подземјето се зад решетки, многумина се прашуваат каде е мистериозниот „Тито“, за кого се смета дека е водач на „балканскиот картел“ и главен „човек за кокаин“ на овие простори.

Во големата меѓународна акција „Мајор“, која се водеше две години на два континента, запленети се четири тони кокаин и разбиена една од најголемите криминални организации во светот. Дел од запленетата стока му припаѓала на таканаречениот „балкански клан“, чии 23 членови се ставени зад решетки, но на слобода остана најважниот, кој е „алфа и омега“ на кланот – мистериозен босански државјанин познат по прекарот „Тито“.

Един Гачанин – Тито е шеф на еден од најмоќните нарко-кланови во светот „Тито и Дино“, кој го сочинуваат претежно луѓе од Балканот. По овој Сараевчанец со години трага американската ДЕА,  но и полицијата на многу други земји во светот, а за него се смета дека се крие во Дубаи.

За моќта на Тито и неговиот клан најдобро говорат податоците што ги презентираше холандската полиција, која наведува дека кланот го контролира европскиот нарко пазар и увозот на дури третина од кокаинот во Европа. Покрај последните четири запленети тони, од кои дел им припаѓа ним, „Тито и Дино“, според сомневањата, за само две години изгубиле 14.000 килограми од најскапиот опијат.

Оваа група веројатно може да се поврзе со неколку големи заплени на кокаин. Првата е една од 928 килограми кокаин, која беше скриена меѓу дрво од Еквадор, а беше запленета во 2016 година, потоа пратка тешка 5.300 килограми, скриена меѓу банани испратени од колумбискиот град Меделин, запленети во 2017 година во пристаништето Антверпен во Белгија, пратка од 2.045 килограми кокаин скриена меѓу конзерви аспарагус, запленета во Перу истата година, а која беше наменета за холандскиот пазар. Иако ваквиот план за шверц првиот пат им пропадна, тие ја повторија акцијата во 2017 година, само што товарот овојпат беше потежок за 583 килограми – 5.883 килограми кокаин скриен меѓу банани од Меделин во Колумбија беа пресретнати на пат кон пристаништето Алгесирас во Шпанија.

Акциите беа спроведени во рамките на Оперативната работна група и беа вклучени полицијата на Република Србија, Кралството Шпанија, Германија, Словенија, Колумбија, Босна и Херцеговина, Република Хрватска, како и американската Агенција за борба против дрога ДЕА.
Освен кокаин, полицијата пронашла и огромни лаборатории за марихуана, во кои растеле цели стебла од ова забрането растение. Во овие акции се запленети околу 612.000 евра, 324 килограми марихуана, луксузни возила и мотоцикли. Истражителите откриле дека картелот работел како „мултинационална компанија“.

Имале оружје, скапи автомобили, луксузни куќи и станови. Шпанската полиција откри дека главните играчи често ги менувале земјите во кои престојувале, а одржувале и состаноци на различни локации – се наведува во полициските извештаи.

Сите овие податоци беа доставени до босанското правосудство во 2019 година од Обвинителството на холандскиот град Бреда, а беа објавени од „Журнал“.

Соработува со криминалци од целиот свет

Во Перу и Колумбија кланот има соработка со локални криминалци од кои набавува дрога, на европско тло соработува со озлогласената италијанска група Камора, но има и бројни други криминални организации низ светот со кои е поврзан. Полициските документи говорат за неговите постојани контакти со членовите на групата од Северна Ирска собрани околу семејството Кинахан.

Гачанин најголемиот дел од својот живот го поминал во Холандија, каде што се поврзувал со важни луѓе од подземјето. На списокот на неговите блиски соработници од други кланови има и имиња како Ридуан Таги, по кого е распишана меѓународна потерница од Интерпол поради поврзаност со бројни убиства, а за кои холандските власти се подготвени да дадат 100 илјади евра на секој што ќе даде информации за него. Еден од неговите партнери беше уапсениот Ричард Рикелме, чилеански криминалец, еден од најопасните луѓе на светот, кој беше уапсен во Колумбија на крајот на 2017 година врз основа на потерница од Холандија. Третиот партнер на Гачанин е Рафаел Империјал познат како Паста, еден од водачите на италијанската мафија Камора.

Овие, но и други податоци за кланот „Тито и Дино“ и за самиот Един Гачанин дојдоа во соработка на американската ДЕА и холандските власти. Според нивните проценки, само преку пристаништето во Ротердам годишно се шверцуваат околу 100 тони кокаин од Јужна Америка, а картелот „Пабло Ескобар од Европа“, како што ДЕА го нарекува Гачанин, има монопол на шверцот, најмалку една третина од дрогата што доаѓа од Јужна Америка во Холандија им припаѓа ним.

Гачанин контактира и организира набавка на кокаин од Перу од четири различни криминални групи од местото Трухиљо, кои дејствуваат одделно. Во секоја од нив има по едно лице од доверба од поранешна Југославија, чија задача е да ја организира набавката и подготовката за шверц на кокаинот во Европа – се наведува во еден од полициските извештаи во кој биле вклучени истражителите на ДЕА и холандската полиција.

За потребите на трговијата со дрога, Тито во Перу основал компанија која формално се занимава со текстил. Тој пере пари во Холандија, Словенија, Босна, Шпанија, Белгија и Дубаи. Во тоа му помагаат и членовите на неговото семејство кое по потекло е од Сараево.

Переле пари со купување фудбалери

Освен за трговија со дрога, членовите на оваа криминална група се осомничени и за перење пари и тоа преку купување фудбалери.

Криминалната група, кој е поврзана со Кавачкиот клан, не само што тргувала со дрога, тие вршеле и други кривични дела, кражби, перење пари, изнуда, киднапирања и убиства. Колумбиската полиција има докази и дека купувале и продавале фудбалери ширум светот, за да ги пласираат парите заработени од кокаин на легални канали. Токму оваа активност им помогнала на истражителите, бидејќи била следена трага од парите од продажба на играчи – објави шпанскиот „АБЦ.ес“, без да наведе за кои фудбалски трансфери станува збор.

Тие не се единствениот пример за вакво перење пари. Фудбалот се споменуваа и во истрагата за кланот на Вељко Беливук, поради сомнеж дека и тие инвестирале валкани пари во трансфери, но и фудбалски клубови во Србија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.